Исполнетоста на „Стрежево“ на високо ниво
Климатските промени покажаа уште еден феномен. Долгиот и обилен августовски влажен бран како никогаш досега во овој период од годината ја презасити со влага пелагониската почва, а исполнетоста на стрежевската акумулација ја одржа ни високо ниво, односно на близу половина од акумулацискиот капацитет…

Ако до лани во извештаите носечка вест беше дека во месец август пелагониската почва е жедна, а вентилите на стрежевската акумулација се максимално отворени за испорака на вода кон земјоделците, овојпат долгиот и обилен августовски влажен бран донесе сосема поинаква слика, но и одредени проблеми за културите од пролетната сеидба.
Од „ХМС Стрежево“ велат дека одамна не паметат во овој летен месец испораката на вода речиси да биде преполовена и тоа главно кон стопанските субјекти и граѓанството.
Во споредба со истиот период лани, заштедите се над десет милиони метри кубни вода, што придонесе во почетокот на септември стрежевската акумулација да располага со 55 милиони метри кубни вода или близу 50% исполнетост од максималниот капацитет. Стрежевци се посебно задоволни што се далеку од биолошкиот минимум на месец дена до завршувањето на наводнувачката сезона.
Сепак, во време на климатски феномени не може да се претпостави дали би имале сушна зима, па затоа штедењето на секоја капка вода и инвестициите во замена на дотраените цевководи мора да биде приоритет, порачуваат од битолско „Стрежево“.
Стевче Митревски
