Енергетска криза

Димитров: Од граѓаните не може да се очекуваат поголеми заштеди

03.09.2022 15:13

Заштеда на струја може да се очекува единствено од граѓаните на кои до сега им се испорачуваа повисоки сметки, затоа што многу трошеле. Оние кои помалку трошеле нема од што да скратат, смета аналитичарот Константин Димитров. И предлага на Владата да размислува во искористување на потенцијалот на сончевата енергија преку субвенции на фотоволтаици и да обезбеди поевтини кредити за граѓаните кои сакаат да инсталираат сончеви колектори…

Од граѓаните не може да се очекува да направат поголеми заштеди на струја, тие веќе штедат, удар се високите сметки. Единствено придонес може да се очекува од оние кои потпаѓаат во третиот или четвртиот блок на потрошувачи, кај кои со новите тарифи ќе има уште поголеми суми за наплата – анализира професорот Константин Димитров. Според него, мерките за штедење кои им се наметнаа на државните институции може да дадат резултати, но сепак за нив останува предизвикот да ги платат сметките за струја.

Како едно од решенијата за излез од кризата, Димитров гледа во искористување на потенцијалот на сончевата енергија. Предлага дополнително поедноставување на потребната документација за поставување на фотоволтаици, затоа што и со предлог законот со кој се регулира процедурата сега,нема да се реши проблемот.

Како опција, Димитров предлага со еден документ, електро-проект, да се прави спогодба со електродистрибутивната организација, без да се оптоваруваат граѓаните со различни дозволи.

Анита Димитријевска Велковска