Енергетската криза во фокус на партиите, едногласни се во ставот дека доаѓа тешка зима
Економската и енергетска криза во фокусот на партиите. Единствено се едногласни во ставот дека доаѓа тешка зима. Власта вели дека презема мерки за зголемување на домашното производство на струја. Опозицијата обвинува-граѓаните се оштетени за близу 10 милиони денари на дневно ниво. Според ВМРО-ДПМНЕ, даночните реформи-прва сметка на товар на бизнисот и граѓаните од недомаќинското работење…

Власта најавува субвенции и мерки, опозицијата обвинува-крахираат бизнисот и домашните буџети. Во партиски ставови за енергетската криза единствено согласни се дека нè чека една од најтешките зими. Од СДСМ велат – 72.000 приватни компании добиваат 80% субвенционирана цена на електрична енергија, во државава е зголемено домашното производство, се ставаат во функција сите расположливи капацитети и енергетски потенцијали. Пред нас е една од најтешките зими поради глобалната економска и енергетска криза.
„Со последната одлука, обезбедени се нови 50 милиони евра на ЕСМ, да може дополнително да го зголеми производството. Со Ребалансот на буџетот резервиравме 76 милиони евра за нови мерки за помош. На сила се и мерките за заштеда на струја. Преку иницијативата Отворен Балкан се развива и регионалната соработка во делот на енергетиката и заемната помош на трите држави за справување со кризата. Тоа е одговорно и државнички во време на светска енергетска криза“, вели Даниела Николова, пратеничка на СДСМ.
Во услови на тешка енергетска криза којашто го крахира бизнисот и домашните буџети на домаќинствата, но и на галопирачка инфлација, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека ја прифатиле поканата на министерот за финансии за дискусија околу даночните реформи, концепт што според партијата нема да обезбеди ниту поголема праведност, ниту ефикасност, ќе биде на товар на граѓаните.
„Предложениот концепт не можеме да го наречеме даночна реформа, од причина што истиот нема стратегиски пристап. Министерството за финансии го оценува само фискалниот ефект од концептот реформа, меѓутоа но не го оценува севкупниот економски ефект. Промените во даночната политика може да дестимулираат одредени сектори, може да доведат до намалени добивки, намалени приливи, намалени инвестиции, намален расположливиот доход на населението и крајно – намалена основа за одданочување. Уште повеќе, измените во даночната политика може да имаат негативно мултипликативно влијание врз економијата, од причина што неоценетото однесувањето на деловните субјекти можеби да се прелеат од еден кон друг сектор во економијата“, вели Маја Кадиевска-Војновиќ од ВМРО-ДПМНЕ.
Во дебатата за даночните реформи со политичките партии и меѓународните фондации на која министерот за финансии го претстави концептот, Бесими побара поддршка со став-реформата е важна за економскиот раст и праведност на даночното оптоварување.
Александра Спировска
