Политика

Груби: Уставните измени мора да се случат

03.09.2022 17:18

Тврди дека во опозицијата има проевропско крило кое очекува да гласа за измени во Уставот...

„Уставните измени мора да се случат и од нив најголем добитник е македонската заедница, бидејќи со тоа се прави одвојување на македонскиот од бугарскиот народ“, вели првиот вицепремиер Артан Груби. Тврди дека во опозицијата има проевропско крило кое очекува да гласа за измени во Уставот.

„Без уставните измени Македонија е во регрес. Без уставните измени Македонија е во статус кво и не може да оди напред и затоа секој што сака европска Македонија, секој што сака развој, секој што сака да ја види нашата земја рамо до рамо со членките на ЕУ ќе даде поддршка за уставните измени од коишто најголем добитник е македонската заедница во Република Северна Македонија затоа што конечно, конечно се прави одвојување на македонскиот народ од бугарскиот народ“, изјави првиот потпретседател на Владата, Артан Груби.

Реагираше ВМРО-ДПМНЕ. Редот да шири лаги денес му е на Артан Груби. ВМРО-ДПМНЕ ја повикува власта ако имаат пратеници за уставни измени, а се докажа дека немаат, наредната недела нека ги стават на дневен ред. Во спротивно, Ковачевски веднаш да си поднесе оставка.

Прашањето за уставни измени не е прашање дали сме за или против Европска унија, туку дали сме за или против идентитетско обезличување и прифаќање на бугарските ултиматуми, велат од опозициската партија.