Суспендирана испораката на гас преку „Северен тек“
Одложувањето ги поттикна стравувањата дека Русија ќе го прекине гасоводот на подолг период за да изврши притисок врз западните земји и да го наруши нивното единство во санкционирањето поради нејзината инвазија на Украина.

Русија на неодредено време го прекинува протокот на гас преку гасоводот „Северен тек 1“, кој ја снабдува Европа со руски гас под Балтичкото Море. Рускиот државен енергетски гигант „Газпром“ на 2-ри септември соопшти дека испораките за Германија не може да се рестартираат по тридневна пауза поради претходно најавено одржување, бидејќи е откриено ново истекување нафта.
Одложувањето ги поттикна стравувањата дека Русија ќе го прекине гасоводот на подолг период за да изврши притисок врз западните земји и да го наруши нивното единство во санкционирањето поради нејзината инвазија на Украина.
Украинскиот претседател Зеленски ја поздрави одлуката на министрите за финансии од групата седум индустриски сили да воведат ограничување на цената на руската нафта.
„Цената на рускиот гас исто така треба да биде ограничена. Крајно време е за енергични санкции за Русија. Од нафта-долари и гас-евра за Москва, но исто така, најважно, ќе ја врати правдата за сите европејци кои Русија се обидува да ги уценува со вештачки надуени цени на енергетскиот пазар“, изјави Зеленски.
Москва постојано ги отфрла обвинувањата дека користи извори на енергија како оружје.
Прекинот и намалувањето на снабдувањето ги зголемија цените на бензинот и ги принудија европските влади да се борат за алтернативни набавки пред зимата.
Во меѓувреме Украина и Русија меѓусебно се обвинуваат за загрозување на безбедноста на нуклеарната централа Запорожје.
„Гранатирањето не е страшно, бомбата ќе експлодира и се ќе биде нормално, но електраната, да, се разбира дека најстрашна е нуклеарната централа, бидејќи децата и возрасните ќе бидат погодени, и страшно е ако нуклеарната централа се разнесе. Тоа е блиску до селото“, вели Наталија Стокоз, жителка на Зорја.
„Има вознемиреност бидејќи сме доста блиску до нуклеарната централа. Колку е оддалеченоста од овде? 18 километри. Но фала му на Бога што го собравме житото. Успеавме да ја доставиме пченицата. Но, порано беше побезбедно, сега почнаа повеќе да гранатираат“, изјави Олександр Паско, земјоделец и жител на Зорја.
Руските сили претрпеа значителни загуби во јужниот регион Херсон по украинската контраофанзива која почна неделава, соопшти украинската војска. Оттаму тврдат дека има стотици загинати војници, уништени се магацини за муниција, а експлодираат и понтонски премини, што го спречува непријателот да собере резерви. Сепак, руските сили продолжуваат да гранатираат украински населби зад линијата на фронтот долж северната граница на Херсон.
Марина Ристова
