Македонија

„Трчај бе“ по четврти пат во Битола

04.09.2022 11:26

Битола во знакот на меѓународниот спортски настан „Трчај бе“. На четвртото по ред издание околу 1.400 учесници од 16 земји во светот. Меѓу учесниците и некогашната легенда на македонската атлетика битолчанецот Стевче Ѓоргиевски…

И на престижните туристички дестинации им треба помош за да функционираат во полн ритам. Битолските интернационални културни фестивали и спортски манифестации се класичен пример што значи да се даде одредена инфузија на угостителско-сместувачкиот туризам. И денешниот, четврти по ред спортски настан „Трчај бе“ е во таа насока.

Организаторот вели дека еден од најголемите проблеми му бил да се обезбеди соба за ноќевање за гостите. Хотелиерите презадоволни.

Меѓу учесниците на трката во должина од пет километри, до неодамна македонскиот рекордер на оваа патека, битолската атлетска легенда Стевче Ѓоргиевски кој три децении живее и работи во Австралија, а утринава не можеше да одолее да не се појави на стартот и потсети на блескавите спортски денови.

Освен на пет се трчаше и на десет километри, како полумаратонот кој воедно е и државно првенство, а минатата година го доби епитетот балканско. Податоци кои потврдуваат дека битолската „Трчај бе“, прераснува во значајна атлетска манифестација.

Стевче Митревски