Македонија

Комуналните претпријатија на раб на опстанок

04.09.2022 12:14

Енергетската криза силно ги погодува јавните комунални претпријатија. Актуелните мерки за штедење минимално ќе ги намалат сметките за струја која во најголем дел се троши за црпење и дистрибуција на водата. Бараат субвенции од владата, но до сега немаат никаков одговор од централната власт.

Штедливи светилки, исклучување на грејните тела, прегрупирање на вработените во помал број канцеларии. Ова се дел од мерките за заштеда на електрична енергија во Јавното претпријатие „Исар“, но според директорот Трајче Здравков, тоа минимално ќе ги намали сметките за струја кои во последните месеци зафаќаат третина од месечниот приход.

Слична е состојбата во останатите комунални претпријатија, кои бараат помош од владата, субвенционирање на разликата од планираниот до реалниот трошок за електрична енергија.

Таков е случајот со јавните претпријатија во Кочани и Битола, каде последните сметки за струја се околу 13 милиони денари, колку што изнесува нивниот вкупен месечен приход. Решение се бара и во сопствено производство на енергија.

Високите сметки за електрична енергија ќе го оневозможи извршувањето на обврските на јавните претпријатија, а во прашање е доведена економската стабилност и на општините како нивни основачи.

Славица Величковска