Масакр во две канадски провинции, полицијата трага по двајца осомничени
Десетмина загинаа од убод со нож, над 15 се повредени. Осомничените мажи се на триесетгодишна возраст и имаат исто презиме. Се истражува нивната поврзаност, релацијата со жртвите и мотивот за нападот. Овој инцидент се смета за еден од најсмртоносните во историјата на Канада…

Канадската полиција е во потрага по две лица, осомничени дека со нож усмртиле десетмина, а раниле најмалку 15 лица во провинцијата Саскачеван.
Нападите биле извршени на повеќе локации. Полицијата води истрага на 13 места каде биле пронајдени мртви или повредени лица. Според истражителите, некои од жртвите биле напаѓани по случаен избор. Неколкумина се веќе идентификувани. Предупредувања се издадени и во соседните покраини Алберта и Манитоба. Во целиот регион е прогласена вонредна состојба.
„Двајцата осомничени, Демијен и Мајлс Сандерсон биле со возило. Во 9 часот и 45 минути, во провинцијата била пратена и четвртата тревога за опасни лица, сигнализирајќи повеќе жртви на повеќе локации. Немаме индикации дека отпатувале во друга провинција. Но со оглед на тоа дека се со возило, не можеме со 100-процентна сигурноста да тврдиме каде се. Веруваме дека е важно да се известат жителите на тие провинции дека постои можност да отпатувале на тие локации и тие треба да бидат свесни за тековната ситуација со која се соочуваме“, изјави Ронда Блекмур, помошник комесар на РЦМП.
Државниот врв со осуда за масакрот.
„Шокиран сум и тажен од ужасните настани во Џејмс Смит Кри Нејшн и Велдон во кои смртно настрадаа 10 луѓе, а беа повредени уште повеќе“, напиша премиерот Трудо на Твитер.
Последниот инцидент е меѓу најсмртоносните во историјата на Канада. Во 2020-ta година, маж кој се преправал дека е полицаец, отвори оган кон повеќе домови и подметна пожари низ Нова Шкотска при што загинаа 22 лица. Една година претходно, маж со возило прегази десет пешаци во Торонто.
Маја С. Филдишев
