Македонија

Обвинетите за убиството на ракометарот Денис Тот, не се чувствуваат виновни

05.09.2022 14:12

Обвинетите за убиството на хрватскиот ракометар Тот влегоа во судница. Се изјаснија дека не се чувствуваат виновни. Според обвинителниот акт, се товарат дека пред ноќен клуб во Градски парк заеднички го лишиле од живот Тот. Воведните зборови ќе се одржат на следното рочиште по барањето на еден од адвокатите...

Го слушна обвинението дека критичната ноќ го лишиле од живот хрватскиот ракометар Денис Тот и сите тројца обвинети рекоа дека го разбираат обвинението, но дека не се чувствуваат виновни.

Обвинителката Трајчевска посочи дека расправијата која почнала во такси возилото, продолжила надвор од него. Тот паднал на асфалтот откако добил два силни удари со тупаници од Анџело. Откако паднал на земја добил удари во главата, прво од Андреј, а потоа од Клементина која откако влегла во таксито повторно се вратила за да продолжи со клоци да го удира по главата.

Од здобиените повреди на главата Тот паднал во кома. Бил пренесен во болница, каде починал на 8-ми април. Обвинителката додаде дека обдукцијата и вештачењето ја потврдиле причинско последичната врска на смртта на ракометарот од дејствијата на обвинетите.

Воведните зборови на одбраната ќе се одржат на следното рочиште поради тоа што судот им го одобри барањето на адвокатот на Клементина Лефковска и на Анџело Ѓеоргиевски, бидејќи немале доволно време да ги прегледаат актите.

Во судницата беа присутни родители и роднини на тројцата обвинети, но не и таткото на Тот кој, како што рече нивниот застапник, не успеал да пристигне на ова, но затоа веројатно ќе биде присутен на следното рочиште.

Судењето продолжува на 14-ти септември, кога ќе се одржат воведните зборови на одбраната, на застапникот и сведоците.

Фиљана Кока