Лиз Трас ќе биде новата британска премиерка
Лиз Трас ќе биде третата жена на позицијата британски премиер,откако денеска беше потврдена за нов лидер на Конзервативната партија. 47-годишната Трас досега беше министерка за надворешни работи и министерка за жени и еднаквост. Таа, и официјално ќе стане премиерка утре...

Лиз Трас ќе биде третата жена на позицијата британски премиер откако беше потврдена за нов лидер на конзервативната партија. Четириесет и седумгодишната Трас досега беше министерка за надворешни работи и министерка за жени и еднаквост.
„Вкупниот број на валидните гласови дадени за секој кандидат беа како што следува – Риши Сунак: 60.399; Лиз Трас: 81.326. Затоа, известувам дека Лиз Трас е избрана за лидер на Конзервативната и унионистичката партија“, изјави Греам Брејди, шеф на Комитетот 1922.
„Ви благодарам многу. Би сакала да им се заблагодарам на моето семејство, моите пријатели, моите политички колеги и на сите оние кои помогнаа во оваа кампања. Би сакала да им оддадам почит на моите колеги кандидати, особено на Риши Сунак“, изјави Лиз Трас, лидер на Конзервативната партија.
Премиерката на Шкотска ги истакна предизвиците со кои се соочува Трас во улогата на лидер на партијата.
„Таа се соочува со огромни предизвици. Се надевам дека првото нешто што ќе го направи на функцијата е да го откаже претстојното зголемување на цените на енергијата, зголемувањето на ограничувањето на цената на енергијата и да испорача многу суштинска помош за поединци“, изјави Никола Старџен, премиерка на Шкотска.
Трас и официјално ќе стане премиерка утре, откако Борис Џонсон ќе ѝ ја предаде власта. Џонсон беше принуден да поднесе оставка во јули откако и голем дел од неговата партија се сврте против него по серија скандали. Вети дека брзо ќе излезе со план за справување со растечките трошоци за енергија. Таа е четвртиот конзервативен премиер од изборите во 2015.
Марина Ристова
