Енергетска криза

Од Бугарија ќе купуваме поевтина струја за стопанството

05.09.2022 17:19

Енергетската криза во фокусот на разговорите на македонскиот премиер Димитар Ковачевски со привремениот претседател на бугарската влада, Галаб Донев...

Од Бугарија во текот на зимата ќе купуваме поевтина струја за стопанството. Од среда ќе се формира работна група која за две недели треба да ја утврди цената, количеството и техничките аспекти. Ќе се обезбедат и складишта за природен гас за земјава. Енергетската криза во фокусот на разговорите на македонскиот премиер Димитар Ковачевски со привремениот претседател на бугарската влада, Галаб Донев.

„Се договоривме заедно со Република Бугарија да формираме веднаш во среда работна група составена од Министерот за економија на нашата држава, Министерот за енергетика на Република Бугарија, како и ЕСМ и другите компании во рамки на Република Бугарија каде што ќе се разговара за техничките параметри во однос на капацитетите и транспортот на електрична енергија. Во однос на цените кои ќе треба да бидат дефинирани согласно легислативата на Република Бугарија согласно директивите на Европската Унија и нормално согласно легислативата на Република Северна Македонија“, изјави премиерот Ковачевски по состанокот.

Ковачевски и Донев разговарале и за поврзувањето со нов интерконектор за гас кој би бил направен во делот на поврзување со течен гас и исто така во однос на капацитетите на постојниот интерконектор кој го имаме со Република Бугарија, како и за можностите за складирање на течен гас во складиштата кои постојат во Република Бугарија.

Викторија Милевска известува од Софија