Политика

ВМРО-ДПМНЕ ќе собира потписи за распишување референдум за поништување на Договорот со Бугарија

05.09.2022 21:16

Донесовме одлука за граѓанска иницијатива за собирање на потписи за распишување на референдум, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по седницата на Извршниот комитет на партијата. Следната недела ќе се собираат потписи. Според Мицкоски, референдумското прашање ќе се однесува на Договорот за добрососедство со Бугарија кој Заев го склучи со Борисов...

Се донесе одлука за граѓанска иницијатива за собирање на потписи за распишување на референдум и во наредната недела ќе собереме најмалку 100 квалификувани потписи со што таквата иницијатива ќе биде доставена до Собранието, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по седницата на Извршниот комитет на партијата.

Очекува Собранието во брзи рокови да ја одобри иницијативата и да започнат роковите за собирање на 150 илјади потписи за распишување на задолжителен референдум. Референдумското прашање ќе се однесува на Договорот за добрососедство со Бугарија кој Заев го склучи со Борисов. Тој е изворот и почетокот на сите проблеми за Македонија и основата по која потоа Бугарија ги темелеше своите максималистички барања и позиции, вели Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ поддржува интеграција на Македонија во рамките на Европската унија без никакви дилеми, но не поддржува асимилација, промена на историски факти, откажување од посебноста на јазикот и идентитетско обезличување, посочи Мицкоски.

Мицкоски рече дека овој Извршен комитет следи по широките консултации со експерти и професори по уставно право, коалициските партнери. Очекува власта да дозволи да се изјасни народот и да се стави крај на уцените, притисоците и блокадите на Бугарија.

Игор Панов