Осигурување на посевите и на добитокот
Над 600 земјоделци и педесетина агро компании за првите три месеци од годинава ги осигурале своите посеви и добиток во вкупната вредност од скоро 2 милиони евра. Во иднина за да се намалат штетите и да се сочува родот, државата планира да воведе и задолжително осигурување доколку земјоделецот сака да добива субвенции за своето производство...

Повеќе од 650 земјоделци и земјоделски компании вложиле скоро 2 милиони евра во осигурување на посеви и добиток само за првите три месеци од годинава, покажуваат податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување.
Осигурителните компании само во првиот квартал од 22-ра исплатиле 390.000 евра за штети покриени со полиси. Исплатени се 330 премии на фармери за осигурување на добиток и 6 за посеви.
Лани пак, вкупните вложувања во земјоделското осигурување тежеле скоро 9 милиони, а исплатени биле безмалку 6 милиони евра за претрпените загуби во производството. Склучени биле 3.500 договори со земјоделци и 376 со компании.
Министерството за земјоделство подготвува новиот концепт на осигурување на сите земјоделци и тоа ќе биде и еден од условите за исплата на субвенциите. Се предвидува висината на полисите да ја утврдува државата и да бидат пониски, со поголем опфат на ризици од досегашните. Се подготвува нов закон за осигурување во земјоделството со исплата на штетите на земјоделците во текот на истата година кога се предизвикани од временските непогоди и климатските промени.
Се очекува дека поголемиот број на земјоделски осигуреници треба да ја поевтини и цената на полисите.
Методија Трајков
