Македонија

Ретроспективна изложба на Симон Узуновски во МСУ

06.09.2022 10:50

Во поставката ќе бидат изложени повеќе од 100-тина дела, кои вклучуваат објекти, фигурини, колажи, цртежи и асамблажи и апликации изведени со леплива лента или селотејп на стакло или хартија, материјал по кој е најчесто препознатливо делото на Симон Узуновски...

На 13-ти септември, со почеток во 20 часот, во Музејот на современата уметност – Скопје ќе биде отворена ретроспективната изложба „Пат за Волкодери – Ретроспектива“ со дела од македонскиот уметник Симон Узуновски.

Тим од петмина историчари на уметноста: Марика Бочварова Плавевска, Зоран Петровски, Љиљана Неделковска, Валентино Димитровски и Лазо Плавевски, блиски пријатели на Узуновски и директни сведоци на неговото делување уште од 70-те години ќе го претстават творештво на еден од пионерите на уметничките партиципативни инсталации во Македонија. Куратор соработник на изложбата е Благоја Варошанец, а во подготовките свој придонес дадоа и конзерваторите Љупчо Иљовски и Јадранка Милчовска.

Во поставката ќе бидат изложени повеќе од 100-тина дела, кои вклучуваат објекти, фигурини, колажи, цртежи и асамблажи и апликации изведени со леплива лента или селотејп на стакло или хартија, материјал по кој е најчесто препознатливо делото на Симон Узуновски. Неповторливите, ефемерни инсталации, перформанси и акции со кои Узуновски инволвира широк круг пријатели, колеги, познаници и публика во создавањето или изведбата на повеќе негови дела ќе бидат претставени со обемна фото документација, која истовремено ќе го прикаже и времето на 70-те години и ентузијазмот и енергијата со кои Узуновски успеваше заразно да ја шири идејата за демократизацијата на уметноста и нејзиното приближување со манифестациите на секојдневниот живот.

Узуновски беше активен на сцената речиси 50 години, а повеќе години работеше и живееше на италијанскиот остров Капри.

Изложбата во МСУ ќе биде отворена до 25 октомври 2022 година.

Поставката се реализира со поддршка на Министерството за култура на Северна Македонија и ЕВН – Македонија.