Македонија

Втор ден штрајк на матичните лекари во Куманово

06.09.2022 11:48

Продолжува штрајкот на матичните лекари. Втор ден лекарите го изразуваат своето незадоволство од неисполнувањето на барањата. Тие се на работните места, но не издаваат рецепти и упати. Примаат само итни случаи. Во Куманово над 95 проценти од лекарите се приклучија на протестот...

„Над 90 проценти од матичните лекари од Куманово се приклучија на штрајкот со којшто го искажуваат незадоволството од неисполнувањето на нивните барања“, изјави д-р Фатмир Асани, претседател на здружение на матични лекари Куманово.

Втор ден матичните лекари од Куманово даваат поддршка на тридневниот протест којшто го организира Здружението на приватни лекари на Македонија. Тие се на работните места, но не издаваат рецепти и упати, освен за итни случаи. Бараат зголемување на капитацискиот бод, ценовниците за приватни услуги, електронско здравство.

„Само кај матичните лекари не е покачен бодот, а со тоа ниту платите, ние преку покачување на бодот можеме да ги зголемиме платите на матичните лекари и на медицинските сестри. Во терцијарно и секундарно здравство ги зголемија. Повеќето лекари бегаат надвор од Македонија и сметам дека Македонија за 10 години ќе остане и без лекари“, истакна д-р Фатмир Асани, претседател на здружение на матични лекари Куманово.

Претседателот на матичните лекари од Куманово информира дека од 95 ординации, десет работат со приходи помали од 60.000 денари.

„Електронско здравство целосно треба да биде бидејќи сега трошиме хартија, административните работи се обемни, зошто ни се потребни картони, кога тие картони ги има во компјутер со препишана терапија“, изјави д-р Асани.

Доколку деновиве не добијат одговор од надлежното министерство, штрајкот на приватните лекари може да се радикализира, со поставување шатори пред Владата, посочи Асани.

Капитациониот бод последен пат бил зголемен во 2018-та година за три денари и изнесува 63 денари, потенцираше претседателот на здружението од Куманово.

Елена Георгиевска