Поплави и бури, пожари и суша на планетата
Природата не мирува. По разорниот земјотрес што ја погоди кинеската провинција Сечуан властите на Шангај во исчекување на ударот од тајфун. Дводневните поројни дождови го отежнаа животот и во Индија. Апокалиптични слики пристигаат во Пакистан. Катастрофата погоди 33 милиони луѓе. И додека водата и се заканува на едната страна од светот, на другата – беснеат пожари...

Природата не мирува. По разорниот земјотрес што ја погоди кинеската провинција Сечуан во кој загинаа десетици луѓе, а стотици беа повредени, властите на Шангај во исчекување на ударот од тајфунот Хинамнор.
„Десетици илјади луѓе останаа будни цела ноќ, чекајќи го тајфунот. Без разлика колку ќе биде слаб или силен, ние мора да бидеме целосно подготвени“, изјави Ша Жијин, директор на одделот за одбрана на бирото за водни работи во Шангај.
Изутрината тропската бура, го погоди јужниот брег на Јужна Кореја, предизвикувајќи поплави и свлечишта. Илјадници се евакуирани, а 20 илјади домови без струја.
Дводневните поројни дождови го отежнаа животот и во Индија. Јужниот град Бенгалару остана под вода. Освен во сообраќајот, невремето создаде проблеми и во водоснабдувањето и електричната енергија.
Апокалиптични слики пристигаат и од Пакистан. Речиси ништо и да не остана од југоисточната провинција Синд. Катастрофата погоди 33 милиони луѓе. Загинаа илјадници, меѓу нив и стотици деца. Оние што ја преживеаа голготата велат-се оставени сами на себе.
„Кога водата го проби езерото, се исплашивме и го напуштивме селото и имотот, ги зедовме децата, трчавме и дојдовме овде. Веќе три дена и никој не дојде да ни помогне, повеќето од нас се под отворено небо“, рече Гулам Сабир, селанец од Синд.
„Во поплавата ја загубивме куќата, досега не сме добиле помош од ниту една страна, никој не дојде кај нас, го избравме ова место на височина, заедно со нашите жени и деца“, рече Али Мухамед Талпур, селанец од Синд.
Предупредување за ново невреме најавија и австралиските власти откако во јули годинава нов Јужен Велс беше погоден од сериозни поплави. И додека водата и се заканува на едната страна од светот, на другата – беснеат пожари. Над 4.000 пожарникари се борат со огнените стихии околу Калифорнија. Властите тврдат оти во само еден ден избиле 45 нови. Бруталниот топлотен бран и сувото време не им одат во прилог на пожарникарите. Тие вчера успеале да локализираат 40 насто од пожарот што избувна минатата недела во Орегон во кој загинаа две лица, неколкумина беа повредени, а стотици домови беа уништени.
Бојана Крстевски
