Руските сили го нападнаа Харков
Руските сили изутрината извршиле напади врз Харков. Уништена е станбена зграда во центарот на градот. Во текот на вчерашниот напад имало и загинати. Во Славјанск нападнати просториите на украинскиот Црвен крст...

Руските сили изутрината извршиле напади врз Харков при што е уништена една станбена зграда во централниот дел на градот. Се проверуваат информациите за евентуални жртви. Во моментот нема хоспитализирани луѓе.
Три лица загинале во ракетен напад во Харков во текот на изминатиот ден.
Харков, вториот по големина град во Украина е блиску до руската граница и постојано е цел на гранатирање од почетокот на руската инвазија.
Во источниот град Славјанск е нападнат украинскиот Црвен крст, по втор пат за една недела. Нема повредени во нападите.
„Тешко ми е да зборувам за ова, бидејќи не ги разбирам мотивите, но можам да кажам дека тие ги кршат сите правила на војната, ова е кршење на Женевската конвенција. Ова е воено злосторство“, изјави Тарас Логинов, единица за брз одговор на украинскиот Црвен крст.
Претседателот Зеленски изрази надеж дека заклучоците на Комисијата на меѓународната агенција за атомска енергија за ситуацијата во Нуклеарната централа Запорожје ќе бидат објективни.
„Се надевам дека заклучоците од меѓународната агенција за атомска енергија ќе бидат објективни. По втор пат, поради руска провокација, Нуклеарната централа Запорожје е на чекор од радијациска катастрофа“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Според воената администрација на регионот Дњепропетровск, ракетен напад предизвика голем пожар во магацин на нафта во централна Украина.
Марина Ристова
