Лиз Трас ја презема премиерската функција
Лиз Трас ја презема премиерската функција на Британија. Нејзиниот претходник Борис Џонсон ги повика конзервативците да застанат зад новиот владин кабинет. Енергетиката и економијата меѓу главните предизвици. Церемонијата годинава се одржа во Шкотска каде што кралицата Елизабета го минува летниот период...

Лиз Трас застанува на чело на британската влада. Главните предизвици за новиот кабинет ќе бидат енергетската и економската криза.
Поддршка доби од нејзиниот претходник Борис Џонсон.
„Време е да застанеме зад Лиз Трас и нејзиниот тим и програмата, и да испорачаме резултати за народот на оваа земја бидејќи токму тоа го сакаат, тоа им е потребно и тоа го заслужуваат“, порача поранешниот премиер на Обединетото Кралство, Борис Џонсон.
Народот со поделено мислење.
„Има голема, сложена задача. Таа излезе како фаворитот меѓу кандидатите и сега ни е полесно. Се надевам дека ќе успее да донесе нов тим, нов старт“.
„Треба да сме свесни за кризата во Англија, во моментов е многу лошо. Трас постојано ветува дека ќе испорача резултати“.
Отворено прашање е и Северна Ирска. Трас е подготвена да тргне настрана делови од трговскиот договор со Евроската унија по Брегзит, што според Брисел, може да доведе до трговска војна.
Седум месеци од руската инвазија во Украина, улогата на Британија во НАТО е од витално значење за одржување на односите со европските соседи, кои се тензични по Брегзит. Русија не очекува промена.
„Нема да се задржи или подобри позицијата на оваа земја на меѓународната сцена која очигледно доби удар по излезот на ЕУ. Но пред да ја формулира негативната позиција кон Русија, поважен приоритет треба да ѝ бидат односите со најблиските соседи“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.
Трас беше прогласена за лидер на Конзервативната партија откако освои 57% од гласовите на членовите против Риши Сунак.
Маја С. Филдишев
