Охридскиот пливачки маратон и фестивалот на виното со богата програма за посетителите
Богат празничен викенд во Охрид за продолжување на туристичката сезона. Покрај традиционалниот Охридски пливачки маратон, кој ќе се одржи во сабота, почнувајќи од четврток општината го организира првиот вино фестивал збогатен со концерти, изложби, спортски натпревари и промоции...

Охрид со низа настани овој празничен викенд ја продолжува туристичката сезона. Покрај тоа што во сабота ќе се одржи Охридскиот пливачки маратон, од четврток се организира првиот вино фестивал во градот.
Предвидени се повеќе концерти, изложби, спортски натпревари и промоции.
„Многу содржини во овие четири денови и настани коишто ќе привлечат многу гости и туристи. Се надевам ќе биде пример како за наредното лето да се организираме можеби не во истиот период туку малку порано да имаме доста настани и содржини со кои ќе привлечеме токму веќе кога привршува туристичката сезона што повеќе гости да дојдат во нашиот град“, вели Кирил Пецаков, градоначалник на Охрид.
На првиот вино-фест, кој ќе трае три денови ќе има промоција на македонските и охридските автохтони вина и богата музичка програма.
Ќе донесеме десетина винарии македонски и неколку увозници на вино. Исто така вина ќе има и од Шпанија така да мислам дека ќе има една голема понуда на вина, да се проба, да се дегустира вино“, вели Пане. организаторот на вино-фест Охрид.
Осум пливачи од пет различни земји ќе учествуваат на овогодишниот Охридски пливачки маратон, кој ќе е збогатен со концерт, изложба на стари фотографии и проекција на документарен филм за охридските пливачки легенди.
„Во склоп на маратонот организиравме дополнителни содржини кои ќе се одржуваат оваа година, се со цел да му дадеме сјај на маратонот да го вратиме сјајот кој беше изгубен во минатото. Во четврток на осми на плоштадот Табана ќе се направи презентација на сите пливачи и ќе имаме изложба на стари фотографии“, вели Ристе Јанкоски, организатор на Охридскиот пливачки маратон.
Општина Охрид со силна поддршка на бизнис секторот успеа годинава да го организира Охридскиот пливачки маратон, после неговото откажување од страна на Националната пливачката федерација.
Соња Рилковска
