Македонија

Концерт на „Танец“-Славејот од Галичник

07.09.2022 09:35

Ансамблот за народни игри и песни „Танец“ на 15 септември во Националната опера и балет ќе одржи вокално-инструментален концерт по повод 100 години од раѓањето на Александар Сариевски...

Во чест на Александар Сариевски, легендарниот македонски пејач и еден од најмаркантните изведувачи на македонската народна музика, Ансамблот за народни игри и песни „Танец“ на 15 септември во Националната опера и балет ќе одржи вокално-инструментален концерт по повод 100 години од неговото раѓање. Концертот е насловен „Славејот од Галичник“.

На над 400 звучни записи за продукцијата на МРТВ и за други дискографски куќи е забележан неповторливиот глас и исклучителната и единствена интерпретација на Александар Сариевски што ги создаде за време на својата шестдецениска уметничка дејност. Името на Александар Сариевски е поврзано и со создавањето и работата на „Танец“ како еден од неговите основачи, дел од неговата прва генерација и како знаменит тапанџија на „Тешкото“.

„Танец“ најавува дека на концертот свое учество ќе земат најпознатите интерпретатори од македонската народна музика како: Сузана Спасовска, Наум Петрески, Благоја Грујовски, Зуица Лазова, Кирил Митоски, Далибор Ѓошиќ и Влатко Стефановски, заедно со хорот и оркестарот на „Танец“, а ќе се изведат големите македонски фолклорни бисери „Абер дојде, Донке“, „Учи ме мајко, карај ме“, „Филизој моме“, „Зајди, зајди јасно сонце“, „Саноќ ми булбул пропеа“, „Сулејман седит на кула“, „Седна баба да вечера една еребица“, „Дејгиди, луди, млади години“ и многу други.