Руско - украински конфликт

Гроси: Секоја штета на нуклеарна централа во Запорожје може да доведе до катастрофа

07.09.2022 13:06

Шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија, Гроси упати алармирачки пораки по посетата на атомската централа Запорожје. Бара итно запирање на бомбардирањето и сигурносна зона околу реакторите. Киев и Москва меѓусебно си ја префрлаат одговорноста за нападите. Путин изјави дека западните санкции наметнати кон Москва претставуваат опасност за целиот свет. Новата британска премиерка, Трас ја прифати поканата да ја посети Украина...

По посетата на атомската централа Запорожје, шефот на меѓународната агенција за атомска енергија, гроси упати алармирачки пораки. Си играме со оган и може да се случи нешто многу катастрофално, рече гроси пред советот за безбедност во Њујорк.

„Податоците што ги доби овој објект и кои јас лично можев да ги видам и проценам заедно со моите експерти се едноставно неприфатливи. Си играме со оган и може да се случи нешто многу катастрофално. Затоа предлагаме воспоставување на зона за заштита на нуклеарната безбедност и безбедност ограничена на периметарот и самата централа“, изјави Рафаел Гроси, генерален директор на МААЕ.

Ситуацијата во нуклеарната централа ја оцени како екстремно опасна и побара итно запирање на бомбардирањето и отстранување на сите воени возила од објектот. Оцени дека постои ризик од нуклеарна несреќа. Шефот на обединетите нации, Гутереш ги повика Русија и Украина да договорат демилитаризиран периметар околу нуклеарната централа Запорожје.

„Сериозно сум загрижен за ситуацијата во и околу централата Запорожјевклучително и извештаите за неодамнешното гранатирање. Секоја штета, без разлика дали е намерна или не, на најголемата европска нуклеарна централа во Запорожје – или на која било друга нуклеарна постројка во Украина – може да доведе до катастрофа, не само за непосредната близина, туку и за регионот и пошироко. Мора да се преземат сите чекори за да се избегне такво сценарио“, изјави Антонио Гутереш, генерален секретар на ОН.

Киев и Москва меѓусебно си ја префрлаат одговорноста за вооружени напади врз европската најголема атомска централа.

Рускиот претседател Путин изјави дека западните санкции наметнати кон Москва претставуваат опасност за целиот свет, кој, како што вели, сè повеќе се врти кон Азија. Рече и дека Москва направила сè за Украина да може да извезува жито.

„Сигурен сум дека ништо не изгубивме со воената операција во Украина и нема да изгубиме ништо. Главно е зајакнувањето на нашиот суверенитет. На местото на пандемијата дојдоа други предизвици, исто така од глобална природа со закани за целиот свет. Мислам на санкциите на западот и неговите агресивни обиди да наметне начини на однесување на другите нации“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.

Новата британска премиерка Лиз Трас ја прифати поканата да ја посети Украина и ја повтори поддршката на Велика Британија за слободата и демократијата на Украина. Американскиот претседател Бајден телефонски разговараше со Трас за справување со заедничките предизвици, особено со екстремните економски проблеми предизвикани од војната во Украина.

Марина Ристова