Македонија

Свечен прием по повод 8 Септември- Денот на независноста во Собранието

07.09.2022 19:17

Претседателот на Собранието Талат Џафери во своето обраќање пред присутните истакна дека верува оти „во сите нас има сила, волја, решителност и визија за тоа каде сакаме да ја видиме Република Северна Македонија“.

Во Собранието попладнево се одржа свечен прием по повод 8 Септември – Денот на независноста. На свеченоста присуствуваа претседателот на државата Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски, министри во Владата, претставници на дипломатскиот кор, на верските заедници, поранешните претседатели на Собранието Трајко Велјановски и Тито Петковски, народниот правобранител Насер Зибери и други личности од јавниот живот.

Претседателот на Собранието Талат Џафери во своето обраќање пред присутните истакна дека верува оти „во сите нас има сила, волја, решителност и визија за тоа каде сакаме да ја видиме Република Северна Македонија“.

Имаме една заедничка држава во аманет и сите сме одговорни за неа, додаде Џафери, посочувајќи дека само така ќе живее и понатаму сонот на нашите предци. Џафери потенцираше дека процесот на евроинтеграција нема алтернатива или замена и ни останува уште последниот чекор – затоа што враќање назад нема.