Кризата ја покачи цената во домот за стари лица во Куманово
Високата цена на енергенсите и основните продукти може сериозно да влијае и врз домовите за стари лица. Загрижени од состојбата во којашто се наоѓаат пред почетокот на грејната сезона, надлежните од домот за стари лица од Куманово одлучија да ја покачат цената на услугата. Преземени се и сите мерки за заштеда и намалување на трошоците.

За 4.200 денари е зголемена цената на услугата за користење на домот за стари лица „Зафир Сајто“ во Куманово, и ќе изнесува 16.000 денари. Надлежните појаснуваат дека се принудени на вакви мерки, за да се спречи работење во загуби. Домот за разлика од останатите установи велат мора да продолжи да функционира и оваа зима и да обезбеди затоплување на 155-те корисници.
„Гасот е покачен дури за трипати и една сметка којашто сме ја плаќале минатата година од 400.000 денари сега ќе биде милион и двесте до милион и петстотини илјади денари. Тоа беше нужно цената да биде покачена за да можеме да останеме како такви стабилни. Се надевам дека нема да има поголеми шокови, доколку има тогаш мислам дека и моменталното покачување нема да ги покрие нашите тековни трошоци“, изјави Дејан Стојановски, директор на Дом за стари лица „Зафир Сајто“ Куманово.
За проблемот со високата цена на енергенсите, но и на основните продукти, канцеларискиот материјал, алармирале и во Министерството за труд и социјална политика, како и во општината.
Поради актуелната криза домот за стари лица трошоците ги сведе на минимум. Двата изготвени проекти за реконструкција, чекаат подобри времиња.
Домот за стари лица во Куманово е еден од поголемите во земјава. Во него престојуваат корисници од целата држава. Сместувачкиот капацитет е 170 места.
Елена Георгиевска
