Украина

Зеленски: Oслободени се населени места во Харков

08.09.2022 13:18

Претседателот Зеленски потврди дека војската ослободила неколку населени места освоени од Русија. САД ја обвини Русија дека поставила филтрациски кампови во Украина. Бајден одобри дополнителна воена помош за Украина...

Володимир Зеленски објави дека украинските сили ослободиле неколку населени места претходно освоени од Русија, неколку дена по шпекулациите за можен напредок на украинската војска во источниот регион.

„Имаме добри вести од Харков. Мислам дека секој граѓанин се чувствува горд на нашите војници. Не е време да се именуваат населените места во кои се враќа украинското знаме, но време е да се кажат зборовите на благодарност. Санкции беа применети врз 606 лица од руската владејачка елита. Сите тие се одговорни за оваа војна, за теророт врз нашиот народ. И никој од нив нема да избега од одговорност. Тоа е само прашање на време“, изјави претседателот Зеленски.

Украинските сили се во офанзива североисточно од Харков, кон источниот регион Доњецк, делумно под контрола на Русија. Некои извештаи велат дека тие се наоѓаат само десетици километри од стратешки важниот град Изум, кој има важна улога во снабдувањето на руските сили.

Украина вчера за првпат ја призна одговорноста за неодамнешните експлозии на анектираниот полуостров Крим. Борби се водат по целата линија на фронтот, а Киев ја разгледува можноста за затворање на нуклеарната централа Запорожје и ги повикува околните жители да се евакуираат.

Амбасадорката на САД во ОН Линда Томас-Гринфилд изјави дека руските власти поставиле „филтрациски кампови“ во Украина.

„Сè поголем број очевидци и преживеани од операциите за филтрирање раскажуваат приказни за закани за вознемирување и инциденти на тортура од руските безбедносни сили. Искуството е различно за секого, во зависност од тоа колку се заканувачки за инвазијата на Русија. На некои им е дозволено да останат во деловите на Украина, окупирани од Русија. Некои се насилно депортирани во Русија, некои се праќаат во затвор, а некои едноставно исчезнуваат“, изајви Линда Томас-Гринфилд, амбасадорка на САД во ОН.

Американскиот претседател Бајден одобри дополнителна воена помош за Украина во вредност до 675 милиони долари.

„За неколку недели од последниот состанок на контакт групата, Соединетите Држави одобрија уште 6,3 милијарди долари безбедносна помош за Украина. Претседателот ја одобри последната транша од американската помош за Украина, вредна до 675 милиони долари. Најновиот пакет вклучува повеќе водени повеќекратни ракетни системи за лансирање, хаубици, артилериска муниција, проектили, оклопни амбулантни возила и противтенковски системи“, изјави Лојд Остин, секретар за одбрана на САД.

Украина предупреди на можноста Русија да искористи нуклеарно оружје, опасност надвисната врз европскиот континент од почетокот на војната. 

 

Марина Ристова