Празник

Голем интерес за посета на охридските музеи

08.09.2022 13:48

Голем број охриѓани, домашни и странски гости, денес се запознаа со богатото културно историско наследство во земјава. По повод Денот на независноста вратите на музејските објекти денес беа отворени и бесплатни за посетителите. Прославата на Денот на независноста во Охрид започна синоќа со концерт на ансамбл „Билјана“ и Охридска визита, при што се одбележаа седумдесет години од староградската песна-чувар на идентитетот…

Голем интересот за посета на градските музеи во Охрид. По повод Денот на независноста вратите на музејските објекти денес се отворени и бесплатни за посетителите. Охриѓани, домашни и странски гости се запознаа со богатото културно историско наследство во земјава.

Во охридската резиденција „Куќата на Робевци“ гостите имаа можност да прошетаат низ вековите, да ги видат епиграфските споменици, археолошкото наследство, етнолошките поставки, охридската резба и златната соба

„Со оглед на овој период од денот од досегашното искуство можам да кажам дека е задоволително солидно. Посебно имаме повеќе странски посетители и пријатно изненадување кај нив кога ќе им кажеме дека подари празничниот ден влезот е бесплатен“, вели Розана Наумоска етнолог во музеј.

Прославата на денот на независноста во Охрид започна синоќа со концерт на ансамбл „Билјана“ и Охридска визита. Настанот кој означи седум децении од староградскиот мелос – чувар на идентитетот, се одржа во предворјето на катедралната Света Софија.

„Се трудиме да ја зачуваме, да ја воздигнеме, како да кажам да ја направиме поблиска до публиката оваа песна. Идејата за продолжување на традицијата не натера вака млади луѓе да се собереме и да вежбаме и да направиме нешто што ќе остане за идните генерации како и нашите претходници“, вели Јован Поп Стефанија од ансамбл „Билјана“ Охрид.

Покрај музејот – Куќа на Робевци, денес слободен влез има и во Галеријата на икони, Самуиловата тврдина и Музејот на вода во Градиште.

Соња Рилковска