Британската кралица под медицински надзор, во замокот Балморал се собираат членовите на кралското семејство
Соопштението доаѓа откако 96-годишната кралица во средата се повлече од Тајниот совет и лекарите ја советуваа да се одмори.

Британската кралица Елизабета Втора е под медицински надзор во Балморал, откако лекарите се загрижија за нејзиното здравје, соопшти Бакингемската палата. Сите нејзини деца и внуци отпатуваа кон Балморал.
Соопштението доаѓа откако 96-годишната кралица во средата се повлече од Тајниот совет и лекарите ја советуваа да се одмори.
Премиерката Лиз Трас рече дека „целата земја е длабоко загрижена“ од веста. „Моите мисли и оние на луѓето низ нашето Обединето Кралство, се со нејзиното височество Кралицата и нејзиното семејство во овој момент“, додаде таа.
Кралицата во Балморал ја назначи Трас за премиерка, наместо да патува во Лондон на настанот. За време на нејзиното 70-годишно владеење, кралицата обично одржуваше аудиенција со нејзиниот нов премиер во Бакингемската палата.
Таа од јули е на летен одмор во својот шкотски дом. Загриженост за здравјето на кралицата изразија и повеќе министри.
