Чарлс е новиот британски крал, ќе владее под името Чарлс Трети
Куќата Кларенс потврди дека новиот крал ќе владее под името Чарлс Трети.

Во првите 24 часа по смртта на кралицата Елизабета Втора, нејзиниот син престолонаследник, принцот Чарлс и официјално ќе биде прогласен за крал, што ќе се случи во палатата Сент Џејмс во Лондон. Куќата Кларенс потврди дека новиот крал ќе владее под името Чарлс Трети.
„Смртта на мојата сакана мајка, нејзиното височество Кралицата, е момент на најголема тага за мене и за сите членови на моето семејство“, се наведува во соопштението од кралското семејство во име на Чарлс, новиот крал на Обединетото Кралство.
„Длабоко жалиме за смртта на омилениот суверен и многу сакана мајка. Знам дека оваа загуба длабоко ќе се почувствува низ целата земја, кралството и Комонвелтот и кај безброј луѓе ширум светот. Во овој период на жалост и промени, моето семејство и јас ќе најдеме утеха во тоа што знаеме колку длабока беше почитта и наклонетоста за кралицата“, се наведува во соопштението од кралот Чарлс Трети.
