Ковачевски со повик за обединување, побара политичарите да покажат одговорност
Повикувам на обединување поради нас самите, како што тоа го направија илинденци и асномци, изјави премиерот Димитар Ковачевски на централната манифестација „Обединети во слободата“ во Скопје. Целта ни е влез во Европската унија во 2030-та, дополни. Ковачевски побара на политички план да се покаже одговорност…

Се обединивме во НАТО и во Иницијативата „Отворен Балкан“, ги почнавме преговорите со Европската унија, тоа се трите големи чекори кои зависеа од нас и ги направивме – истакна премиерот Ковачевски на централната прослава за Денот на независноста. Испрати порака за обединување околу стратегиската цел на државата и побара одговорно однесување од сите, за да се овозможи забрзана динамика на преговарачкиот процес.
„Посебно, охрабрувам на политички план, сите да покажеме достоинствена почит кон предизвиците со коишто се соочени граѓаните и државата од глобалната криза и да се помогне во решенијата, наместо да се блокираат. Има време и до избори и за политикантство – но, сега не е тоа време“, нагласи премиерот Ковачевски.
Премиерот уверува дека Европа нè прифаќа како Македонци. Јазикот и идентитет се потврдени, впишани во личната карта на Обединетите нации, а првите документи во Брисел веќе се преведуваат на македонски јазик – рече Ковачевски.
„Ја имаме шансата, во ваквите околности, да им го отвориме патот на прогресот на новите генерации, како што нам ни беше отворен – и наша должност е да го направиме тоа! Седнавме на европската маса, затоа што таму ни е местото – бидејќи спроведуваме европски вредности, на дело. Кажавме и Не кога требаше и Да кога требаше и така ќе биде и во иднина“, рече Ковачевски.
Премиерот процени дека завршувањето на преговорите со ЕУ би било во 2030-та година, што според него е реална цел, затоа што регионалното и европско обединување е подеднакво важно исто како и домашната сплотеност.
Анита Димитријевска Велковска
