Светот се простува од кралицата Елизабета Втора
Светот се простува од кралицата Елизбета Втора – монархот што најдолго владееше со Обединетото кралство. Пораки со сочувство пристигаат од целиот свет. Новиот британски крал Чарлс трети денес ќе и се обрати на нацијата. Прогласена десетдневна жалост во Британија. Се очекува државниот погреб на кралицата да се одржи во Вестминстерската катедрала за помалку од две недели. Точниот ден дополнително ќе биде потврден од Бакингамската палата...

Британците и светот во следните десетина дена ќе се простуваат од кралицата Елизабета Втора, која почина вчера на 96 години.
Се очекува државниот погреб на кралицата да се одржи во Вестминстерската катедрала за помалку од две недели. Точниот ден дополнително ќе биде потврден од Бакингемската палата. Нејзиното последно почивалиште ќе биде во капелата „Сент Џорџ“ во замокот Виндзор.
„Ова е тажен ден за сите нас овде во оваа земја, но и ширум Комонвелтот и светот, бидејќи кралицата беше почитувана ширум светот. Мораме да запомниме дека таа не беше само наша кралица. Таа беше мајка и баба и прабаба. И моите мисли и молитвите се со целото кралско семејство“, изјави Тереза Меј, поранешна премиерка на Велика Британија.
„Тажни вести. Таа отсекогаш беше дел од нашите животи, но имаше добар живот, 96 години.“
„Жал ми е за неа, таа беше толку убава дама. Плачев, кога ги слушав вестите.“
„Прекрасна жена, таа беше одлична во сите години, поддршката што ја даде. Она што го поднесе во последно време со одредени политичари беше прилично феноменално. И мислам дека таа едноставно беше неверојатна институција.“
„Таа беше неверојатна жена, неверојатно наследство и мислам дека нема некој како неа.“
И светот се збогува со кралицата која го презеде престолот пред 70 години, по смртта на кралот Џорџ шести.
„Кралицата Елизабета втора беше добра пријателка на Обединетите нации. Беше длабоко посветена на многу добротворни и еколошки цели. Генералниот секретар и оддава почит на кралицата Елизабета втора за нејзината непоколеблива, доживотна посветеност да му служи на својот народ. Светот долго ќе ја памети нејзината посветеност и лидерство“, Стефан Дујарик, портпарол на генералниот секретар Антонио Гутереш.
По кралицата тагуваат и други држави, па така Бразил прогласи тридневна, а Канада десетдневна жалост.
„Со моите колеги од сенатот и со сите американци го изразуваме нашето најдлабоко сочувство и молитви до кралското семејство и народот на Обединетото Кралство. Никогаш не сум имал чест да се сретнам со нејзиното височество кралицата, но јас многу и се восхитував до самиот крај“, изјави сенатор Чак Шумер, лидер на мнозинството во Сенатот.
Од моментот на официјалното објавување, знамињата низ кралските резиденции, Вајтхол и другите владини згради ќе бидат спуштени на половина копје. Во Хајд Парк и Тауер Хил се очекуваат церемонијални поздрави, а ќе се оддаде национална минута молчење.
Кралот Чарлс ќе ја одржи својата прва аудиенција кај премиерот. Тој ќе се сретне и со Ерл Маршал за официјално да ги потпише сите планови за погребот, со некои детали за државниот погреб, кој се очекува да се одржи за 10 дена. Чарлс ќе и се обрати на нацијата. Новиот крал попладне ќе има аудиенција кај премиерот и кабинетот, лидерот на опозицијата, надбискупот од Кентербери и деканот од Вестминстер. Официјалното прогласување најновиот британски крал треба да се случи утре во палатата Сент Џејмс во Лондон.
Марина Ристова
