Дипломатија

Матарела: Без влезот на земјите од Западен Балкан, ЕУ нема да биде целосна

09.09.2022 12:56

Европската Унија има потреба од комплетирање, со цел да биде интегриран целиот континент, порача италијанскиот претседател Матарела. Пендаровски се заблагодари за целата поддршка, но побара помош од италијанскиот колега во совладувањето на претстојните...

По 23 години, посета во земјава повторно на италијански претседател. Серџо Матарела со силна поддршка за Македонија со која вели дека догодина славиме 30 години од воспоставувањето на билатералните односи.

Со Претседателот Пендаровски разговор на повеќе теми, но најголем фокус на евроинтеграциите.

„Италија постојано ќе биде на страната на Македонија, ќе ја придружува Северна Македонија во овој пат што сега ќе треба да се изоди, патот на реформите, за да се постигне членството во Европската Унија. Се надеваме дека овој процес ќе биде пократок за целосно да се постигне членството во Европската Заедница“, порача Серџо Матарела.

Матарела го повтори неговиот став оти Македонија предолго неоправдано чекала пред портите на ЕУ. Домаќинот Пендаровски се заблагодари за целата поддршка, но побара помош од италијанскиот колега во совладувањето на претстојните предизвици.

„Во справување со последиците од енергетската криза, односно да ни биде овозможен пристап до механизмите и инструментите на Унијата за ублажување на негативниот ефект од енергетската криза врз нашите држави“, изјави претседателот Пендаровски.

Матарела потенцираше дека ставот на Италија е дека ЕУ мора да изнајде механизам да им помогне на земјите од Западен Балкан во справувањето со енергетската криза. Исто така рече дека неговата земја сака да вложува во инвестирање на обновливи извори во Македонија.

Обраќањето на двајцата претседатели започна со едноминутен молк заради смртта на кралицата Елизабета Втора.

Катерина Топалова