Матарела: Италија ќе продолжи да ја поддржува Македонија на патот кон ЕУ
Создавањето услови за старт на преговорите претставува успех на кој земјата треба да е горда, во очекување да се достигне крајната цел за полноправно членство, како што беше и случајот со членството во НАТО, рече во говорот пред пратениците италијанскиот претседател Серџо Матарела...

Северна Македонија и Бугарија се повикани да преземат обврска да развијат почитувачки и искрен дијалог за надминување на недоразбирањата од минатото, со целосно почитување на нивните сопствени култури и идентитети, рече во говорот пред пратениците италијанскиот претседател Матарела. Тој додаде дека Скопје во неколку наврати, преку храбри и тешки одлуки, ја потврдило искрената припадност кон европските принципи и решително чекори кон Европската унија.
Зборувајќи за Охридскиот, Преспанскиот и за договорот со Бугарија, Матарела истакна дека нема многу земји во светот кои со таква истрајност, во кус временски период успеале на отворен и мирен начин да ги совладаат предизвиците.
Во контекст на енергетската и финансиска криза италијанскиот државник пред пратениците истакна дека силно го поддржува вклучувањето на Западен Балкан во европските механизми за солидарност насочени кон гарантирање на енергетска безбедност во пресрет на зимата.
Анита Димитријевска – Велковска
