Власта и опозицијата со непроменети ставови околу референдумот
ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе Иницијативата за референдум до Собранието. Собрани се над 650 потписи, се надеваат дека уредноста ќе биде утврдена. За СДСМ ова е ретрограден процес, којшто може да ги блокира процесите на евроинтеграција и да ја стави земјата во изолација...

ВМРО-ДПМНЕ официјално ја поднесе Иницијативата за референдум до Собранието. Од партијата велат почната е процедурата за утврдување на уредноста на постапката. Информираа дека се собрани повеќе од 650 потписи. Се надеваат дека претседателот на Собранието нема да користи некои негови познати методи и дека уредноста на Иницијативата ќе биде утврдена онака како што налага и Деловникот за работа.
Во владејачката СДСМ посочија дека ВМРО-ДПМНЕ како докажана деструктивна партија продолжува со обидите да ја оддалечи државата од интеграцијата во ЕУ. Референдумот е демократско право и секогаш сме на иста страна со почитувањето на можностите и правата кои ги имаат сите граѓани, вклучително и политички партии. Во време на криза, ова се излишни инцијативи и ретроградни процеси кои ја враќаат државата во некои мрачни, изолациони времиња, велат социјалдемократите.
Владата и институциите имаат капацитет да ги завршат преговорите до 2030 година, по што државата ќе стане полноправна членка на ЕУ, уверуваат во СДСМ. Од опозицијата повикаа во ист термин да се одржи тројно изјаснување – референдум, предвремени парламентарни и претседателски избори.
Игор Панов
