Свет

Чарлс го презема тронот на Обединетото Кралство

09.09.2022 17:00

По смртта на кралицата Елизабета, принцот Чарлс го презема тронот на Обединетото Кралство. Тој е најстариот монарх во кралската лоза која трае еден милениум. Со британската круна ја наследува и функцијата шеф на Комонвелтот. Асоцијацијата на 56 независни земји кои произлегоа од Британската империја опфаќа речиси една третина од светската популација…

Пред првото обраќање до нацијата, Kралот Чарлс Трети на средби со премиерката Лиз Трас. Во катедралата на Свети Павле, молитви и комеморација за неговата мајка, Кралицата Елизабета Втора. Британскиот парламент на маратонска седница која стартуваше со едноминутен молк. Пратениците и’ оддаваaт почит на упокоената британска владетелка. Поддршка ветуваат и за нејзиниот наследник кого, според политичкта елита, а и народот, го очекуваат сериозни предизвици. Кралската палата во последните години се соочи со скандали и обвинувања за расизам.

„Неговото височество Кралот Чарлс Трети има огромна одговорност која ја носи за сите нас. Му ги должиме нашата лојалност и посветеност. И британскиот народ, Комонвелтот и сите ние во овој Дом ќе го поддржиме додека ја води напред нашата земја кон нова ера на надеж и напредок“, изјави премиерката Лиз Трас.

„Верувам дека Кралицата ќе го сметаше за свој најголем успех својот син Чарлс Трети кој јасно и повеќе од доволно ќе ги следи нејзините извонредни стандарди за должност и работа“, рече поранешниот премиер, Борис Џонсон.

Чарлс е најстариот монарх кој го презма тронот во кралската лоза која трае еден милениум. Со британската круна ја наследува функцијата шеф на Комонвелтот, асоцијација на 56 независни земји кои произлегоа од Британската империја, а чиј број на жители сочинува речиси една третина од светската популација.

„Нема да биде исто. Не треба да очекуваме тој да биде ист. Ќе бидe голема промена за сите нас.“

„Чарлс ќе треба да се докажува многу.“

„Мислам дека ќе биде одличен како неговата мајка. Имаше од кого да учи.“

Чарлс Филип Артур Џорџ е роден на 14 ноември 1948 година, во 12-тата година од владеењето на неговиот дедо, кралот Џорџ Шести. Во раното детство посетувал училишта во Западен Лондон и Беркшир. По студиите за археологија и антропологија на колеџот Тринити, Кембриџ, се префрлил на одделот за историја. Во тој период беше формално крунисан за принц од Велс. Како и многу членови на кралското семејство, и тој се приклучи на вооружените сили, прво во Кралските воздухопловни сили, а подоцна и на морнарицата.

Јавноста со големо внимание го следеше и неговиот прв брак со леди Дијана Спенсер кој заврши во 1996 година, а потоа и со Камила Паркер Боулс со која се венча во 2005 година. Како негова сопруга, војвотката од Корнвол, добива нова титула „кралица- сопруга“. Официјалното прогласување на новиот британски крал ќе се случи утре.

 

Маја С. Филдишев