Куманово

Нема решение за сметот во речното корито на Кумановка

10.09.2022 10:25

И покрај акциите, реката повторно е полна со разновиден смет. Дел од граѓаните сметаат дека не е доволен бројот на акциите, но и дека не се казнуваат загадувачите. Општината за чистењето на речното корито и дивите депонии лани одвои 2 милиони денари...

Разновиден смет се уште може да се види во речното корито на Кумановка. Реката која се наоѓа на само неколку стотина метри од центарот на градот се чисти, но за краток период повторно е полна со шут, отпад, па дури и неупотреблив мебел. И покрај бројните акции на општината, јавното претпријатие „Чистота и Зеленило“ и еколошките здруженија, несовесни кумановци постојано фрлаат во реката. Граѓаните за македонската телевизија велат свеста е ниска и мора да има казни. Дел од нив и со забелешки дека нередовно се чисти.

„Се тука фрлаат, нема култура, не знам зошто, грда слика за градот“, вели една кумановка.

„Несовесност на граѓаните има некои казни, но не се поднесуваат, има и камери, се е до човекот. Не се чисти ниту редовно едно време и нашите рибари чистеа, влегуваа но тоа е“, вели друг граѓанин.

„Нередовно се чисти, и граѓаните се несовесни точно. Ѓубрето што го фрлаат контејнери нема“, нагласува трет.

„Го чистат, коритото е добро но што се фрла смет“, посочува кумановец.

„Се се чисти но се фрла повторно, треба да се казнува“, дополнува друг.

Граѓаните бараат и засилени инспекциски контроли.

„К’д ќе гу исчистите реку, ќе ги исчистимо мурал“, е пораката којашто ја испраќаат неколку слободни уметници. И тие како и кумановци бараат чиста река.

Општина Куманово веќе започна со чистење на речното корито на Кумановка, на делот кај градскиот стадион. Ангажирана е приватна компанија, која со механизацијата ја отстранува вегетацијата и го чисти сметот. Наредната седмица, како што информираат од секторот за комунални дејности, треба да се распише нов тендер за да продолжи чистењето и кон кејот, Којнарка и делот кај Проевце. За чистењето на речното корито и дивите депонии локалната самоуправа лани одвои два милиони денари.

Надлежните апелираат до граѓаните да се однесуваат совесно кон животната средина и да не фрлаат смет. Општината укажуваше во Секторот за инспекциски надзор и Министерството за внатрешни работи, да се пријавуваат несовесни лица, за да им се изречат глоби за загадување.

Елена Георгиевска