Македонија

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со спротивставени ставови за референдумот

10.09.2022 19:39

Продолжуваат со блокадите наместо да работат во интерес на државата, СДСМ ги коментира настапите на ВМРО-ДПМНЕ. Над 60 насто Македонци би гласале на референдумот со што ќе се поништи договорот со Бугарија, возвратија во опозицијата...

Иницијативата за референдум е единствено за личен спас на фотелјата на Христијан Мицкоски во белиот дворец-став на СДСМ. Според партија тоа e ретрограден процес што има за цел да ја уназади државата и да го попречи интегрирањето во ЕУ. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски е изолиран а доказ за тоа се и јавните изјави на истакнати членови на партијата ВМРО-ДПМНЕ кои не се сложуваат со него-оценуваат социјалдемократите.

„Наместо конструктивност ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски со барањата за избори, за референдум се обидуваат да го попречат нормалното функционирање на институциите, на штета на домашната економија, на штета на граѓаните. Нивното такво деструктивно однесување одново ќе биде поразено“, рече портпаролката на СДСМ, Богданка Кузевска.

Тезите на антимакедонската СДС дека народот ги поддржува и е согласен со Договорот со Бугарија се лага, возвраќаат од ВМРО-ДПМНЕ. Според нив бегањето од понудата за тројни избори, со референдумот, да се организираат и предвремени парламентарни и претседателски избори, е доказ дека власта се плаши од пораз.

„Според спроведени истражувања над 60% од Македонците би излегле на Референдум, и тоа го знаат и во власта. Таквата огромна излезност во големо мнозинство ќе резултира со отфрлање на Договорот со Бугарија. Ова се реалните бројки и факти. Народот е за поништување на Договорот со Бугарија затоа што тој е изворот на сите негации кон Македонија, кон македонскиот јазик, историја и идентитет“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во петокот ја поднесе иницијативата за референдум со собрани повеќе од 650 потписи.

Според собраниските служби претседателот на Собранието, Џафери сè уште ја нема примено иницијативата, бидејќи е надвор од државата.

Неговиот претходник Трајко Вељаноски со став, без разлика дали дома или е во странство, Џафери најдоцна до среда, мора да го прими мислењето за иницијативата за референдум. Собраниските тела работат и во отсуство на Џафери, смета Вељаноски.

Законодавно-правната и Комисијата за политички систем се должни во рок од два работни дена да се произнесат, дали иницијативата е уредна., а крајниот рок, кога треба да пристигне мислењето кај собранискиот спикер истекува во првите два дена по викендот, односно во вторник на полноќ, вели поранешниот претседател на законодавниот дом.

 

Марина Стојанова Тонева