Во Охрид 35. издание на Охридскиот пливачки маратон
По повеќе од шест часа во вода и битка со брановите, прв на целта пристигна аргентинецот Матијас Дијас Хернандес, второто место му припадна на Италијанецот Франческо Гетини. Бронзен медал освои македонецот Евгениј Поп Ацев. Аргентинецот Матијас Дијас Хернандес прв ја исплива патеката „Климе Савин“...

Се одржа 35. Охридски пливачки маратон. И покрај тоа што Националната пливачка федерација поради финансиски потешкотии, минатиот месец се откажа од организација на најголемата водена манифестација во земјава, општина Охрид изнајде финансии и техничка организација за да се одржи маратонот.
На патеката „Климе Савин“ денес најбрз беше аргентинецот Матијас Дијас Хернандес. По повеќе од шест часа во вода и битка со брановите, втор на целта пристигна Италијанецот Франческо Гетини. Трет беше македонецот Евгениј Поп Ацев.
„По петти пат учествувам на маратонот, трката денес беше многу тешка, водата е навистина ладна, големи бранови имаше. Среќен сум многу што успеав“, вели Матијас Дијас Хернандес.
„Прв пат учествувам на Охридскиот маратон, долга трка. На крајот беше многу ветровито и бранови. Беше тешко, особено последниот час беше многу тежок“, вели Франческо Гетини пливач од Италија.
Охридскиот пливачки маратон е од огромно значење за Охрид, не само за развивање на спортскиот дух, туку и за поголема туристичка промоција на градот.
„Се надеваме дека наредната година ќе имаме многу повеќе пливачи а затоа гарант е состанокот којшто го договоривме со пливачката федерација уште во октомври оваа година. Да имаме поголем период во којшто ќе подготвиме и ќе најавиме многу повеќе иновации со пливањето, но за тоа потоа“, вели градоначалникот Кирил Пецаков.
Охридскиот пливачки маратон е белег на градот, но веќе две децении нема натпреварувач од Охрид, а тоа се должи на немањето услови за тренирање. Сè уште не е завршен затворениот пливачки базен, чија изградба започна во 2015-та година.
Соња Рилковска
