Свет

САД одбележуваат 21 година од нападите на 11 септември

11.09.2022 12:08

На 11 септември 2001 година, бомбаши самоубијци киднапираа американски патнички авиони и ги урнаа двете кули близначки на Светскиот трговски центар во Њујорк, убивајќи илјадници луѓе. За помалку од два часа и двете кули од 110 ката се урнаа. Трет авион го уништи западното крило на Пентагон, четвртиот авион се урна во поле во Пенсилванија откако патниците ги совладале киднаперите...

21 година од киднапирањето на четири патнички авиони од страна на исламски терористи во САД и најголемите терористички напади во модерната американска историја.

На 11 септември 2001 година, бомбаши самоубијци киднапираа американски патнички авиони и ги урнаа двете кули близначки на Светскиот трговски центар во Њујорк, убивајќи илјадници луѓе. За помалку од два часа и двете кули од 110 ката се урнаа.

Трет авион го уништи западното крило на Пентагон, четвртиот авион се урна во поле во Пенсилванија откако патниците ги совладале киднаперите. Се верува дека терористите планирале да ја нападнат зградата на конгресот во Вашингтон.

Во нападите загинаа вкупно 2.977 луѓе, несметајќи ги 19-те киднапери. Нападите од Авганистан ги испланирала на екстремистичката исламистичка мрежа Ал Каед,а предводена од Осама Бин Ладен.

Со комеморации во чест на загинатите, Американците испратија порака дека без разлика колку се големи ризиците, ќе продолжат да се борат за слобода.

„Нападите во 2001-вата ја сменија нашата нација и безбедноста засекогаш. 11-ти септември не е нешто што можеме да го заборавиме. Секој од нас може да се сети каде бил кога ги чувме вестите за трагедиите на зградите близначки во Њујорк, во Пентагон и во полињата на Пенсилванија. Сè уште жалиме за луѓето што ги загубија своите животи и за сите спасувачи што потоа починаа од болести предизвикани од нападите. Им оддаваме почит на сите“, изјави полковник Јуџин Мур, од воздухопловните сили на САД.

Американскиот претседател Џозеф Бајден ја продолжи за уште една година вонредната состојба, која беше воведена на 14 септември 2001 година. Нагласи дека терористичката закана што доведе до првото прогласување на вонредна состојба по нападите сè уште е присутна.

На годишнината од терористичките напади, во Њујорк се затвори Музејот за почит на 11 септември и ќе се префрли на интернет заради финансиските загуби предизвикани од пандемијата. Повеќе од пет милиони луѓе го посетија музејот откако беше отворен во 2006-та година. Останува Националниот ,меморијалниот центар во Њујорк да сведочи за жртвите на најголемите напади врз САД.

Ирина Гелевска