Засилена контраофанзива на украинската војска на истокот, Русите се прегрупираат
Украинската војска ја засили контраофанзивата на истокот од земјата. Руското Министерство за одбрана тврди - повлекувањето е за да се зајакнат силите во Доњецк. И натаму неизвесна состојбата во Запорожје...

Продолжуваат жестоките битки на истокот и југот на Украина. Војската ја интензивира контраофанзивата во Харков и Херсон, а Москва соопштува за прегрупирање на руските трупи кои се повлекоа од Изјум, главното упориште на фронтот во североисточна Украина. Непријателските сили успеаја да им го прекинат и каналот на снабдување.
„За да се постигнат целите на специјалната воена операција за ослободување на Донбас, донесена е одлука за прегрупирање на руските трупи стационирани во регионите Балаклеја и Изјум за да се зголемат напорите во правец на Доњецк, изјави портпаролот на руското МО, Игор Конашенков.
И, натаму неизвесна состојбата во Запорожје. Од компанијата „Енергоатом“ соопштија дека нуклеарната централа е повторно исклучена од мрежата. Шестиот реактор бил деактивиран во 3 часот по полноќ. Украинскиот претседател Зеленски на Јалтаската конференција порача – „Оваа зима е пресврт и може да доведе до драматична деокупација на земјава“.
„Стабилното работење на централата во енергетскиот систем може да стане еден од клучните, суштинските елементи за гаранција на стабилната енергетска потрошувачка во Европа во наредните 90 дена. Треба да се бориме, да ја поминеме зимата“, порача украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Зеленски бара најстроги можни санкции против Русија. Ограничувања за издавање визи во наредните денови треба да воведат Литванија, Летонија, Полска и Естонија, постсоветските држави преку кои повеќето руски граѓани влегуваат во Европската Унија.
Во меѓувреме, во Русија привршуваат регионалните избори, првите од почетокот на руската инвазија. Се бираат гувернери, парламенти и општински совети во над 80 региони. Набљудувачите сметаат дека партијата на Кремљ „Обединета Русија“ ќе победи со голема разлика бидејќи се уапсени политичарите кои се противеа отворено на војната уапсени.
Маја С. Филдишев
