Македонија

Новаковски: Иницијативата за референдум не треба да се коси со законите, Уставот и Венецијанскиот кодекс

11.09.2022 18:07

Неизвесноста дали иницијативата за референдум ќе ги помине собраниските процедури, ќе потрае до произнесувањето на претседателот на Собранието, Џафери. Поранешниот претседател на ДИК, Александар Новаковски за МТВ вели, за да помине иницијативата мора да и биде испитана уредноста за одредени задолжителни елементи кои не треба да се косат не само со законите и со Уставот туку и со Венецијанскиот кодекс...

Иницијативата на опозицијата за распишување референдум мора да мине низ тестот на уредноста во однос на законите, Уставот и на Венецијанскиот кодекс. Да ја утврди уредноста е согласно надлежностите на собранискиот спикер, вели за МТВ поранешниот претседател на ДИК и генерален секретар на Собранието, Александар Новаковски.

Доколку спикерот утврди дека иницијативата е уредна, Собранието ќе треба да донесе одлука, во спротивно пак, може да ја отфрли, објаснува Новаковски.

Уредната иницијатива спикерот е должен во рок од 30 дена да ја достави до Собранието на пленарна седница каде треба да се донесе одлука за распишување на референдумот со прашањето на предлогот. Врз основа на таа одлука иницијаторите почнуваат да ги собираат потребните 150 илјади потписи, по што ДИК организира гласање.

Бидејќи е задолжителен референдумот, за да биде успешен, потребно е да гласаат над 50 насто од избирачите запишани во списокот или близу 904 илјади граѓани, вели Новаковски.

Фиљана Кока