Киев ја обвини Москва за напад врз цивилна инфраструктура
Источна Украина остана без струја. Киев ја обвини Москва за напад врз цивилната инфраструктура поради засилената контраофанзива на украинската војска. Москва негира напад врз цивили. На фронтот се враќаат чеченските единици. Западните влади ги мобилизираат производителите на оружје…

Киев ги обвини руските сили за напад врз цивилна инфраструктура при што беше прекинато снабдувањето со електрична енергија на истокот на земјата. Според владата, ракетирањето било одговор на брзата офанзива на украинските трупи за време на викендот, што резултираше со повлекување на руската војска од главното упориште во регионот Харков. Осуда за нападите и од САД. Москва негира дека нејзините сили целат кон граѓаните.
„Бев исплашена, гледав крв пред себе, огромни траги од крв. Тешко е да се живее во темнина, не сакам да се навикнам на тоа.“
„Русите беа овде вчера, на пладне почнаа да викаат и да бегаат. Ги стартуваа тенковите и воените возила.“
Во битките во Доњецк има и жртви.
„Со употреба на проектили Искандер, агресорските трупи извршија пет вакви напади врз градот. Уништени се 22 куќи. Полицијата ги идентификува загинатите. Ова злосторство ќе биде документирано од полицијата, а материјалите ќе биде предадени во главниот истражен оддел на Безбедносната служба на Украина“, изјави Руслан Осипенко, шеф на полицијата во Доњецк.
Чеченските специјални единици се враќаат на фронтот.
„За овие пробивања и местата кои ги окупира украинската војска, неколкуте градови и села во Харков и на другите линии на фронтот каде нацистите, сатанистите и ѓаволите влегоа денес, ќе ви покажеме уште повеќе. Исто како што ви ветивме кога влегувавте во Мариупол“, вели Адам Делимканов, лидер на чеченскиот огранок на Руската национална гарда.
Западните влади ги мобилизираат производителите на оружје да го зголемат производството и надоместот на резервите кои се испразнети поради вооружувањето на Украина во шестмесечната војна со Русија.
Маја С. Филдишев
