Средба Азески-Мицкоски

Потребен е нов економски договор за иднината на државата

12.09.2022 14:56

Работен состанок на претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Потребни се конкретни мерки од Владата за помош на бизнисот, порача Азески. Стопанството има проблеми, но не е во фокусот на владините политики, став на Мицкоски…

Потребен е нов економски договор со што би се реафирмирале принципите кои се основа на евроатлантските аспирации, а се однесуваат на владеење на правото, како и сериозни свртувања на приоритетите кон бизнисот-заеднички став на претседателот на Стопанската комора Бранко Азески со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Азески прогнозираше дека енергетската криза ќе трае најмалку уште една година и токму затоа е потребна целосна мобилизација на државните ресурси. Во однос на договорот за купување на струја од Бугарија, првиот човек на Стопанската комора рече дека во Софија не била договорена цената, но и дека количината нема да биде доволна за потребите на индустријата.

„Станува збор за базна струја која нема можност да се пренесе тука, туку ќе се користи грчкиот преносен систем, или на друго место. Ќе се преговара за понатамошниот тек, формирани се работни групи за тоа. Нема да биде доволна, но ќе биде сериозна основа“, нагласи првиот човек на комората, Азески.

Стопанството се соочува со проблеми и не е во фокусот на политиките на владата, предизвиците се големи, оценува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Според него прашање на време е кога енергетската криза ќе премине во економска.

„Не можете да правите планови како држава и влада во приходите на буџетот, ако економијата е таа која не може да ги генерира тие приходи, односно да го полни буџетот. Затоа е многу важно фокусот да биде кон економијата, кон стопанството бидејќи тоа исто стопанство вработува луѓе, повеќе од 680.000 се вработени во приватниот сектор, тие генерираат приходи и дел тие приходи завршуваат во државниот буџет, а потоа и се трошат. Така што вие како влада не можете да трошите, ако стопанството вас доволно не ви приходува“, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски.

Стопанската комора и натаму е против Законот за недела неработен ден. Ќе ја чекаат одлуката на Уставниот суд во среда.

Марина Стојанова-Тонева