Куманово

Преку сензорни соби до поголема инклузија

12.09.2022 15:22

Мал број училишта во државата располагаат со сензорни соби, велат од здруженија кои преку проектот „Биди ин, Биди Инклузивен, биди Инклудиран“, инвестираа во 12 вакви простории. Преку сензорните соби значајно може да се придонесе за поголема инклузија, односно квалитетно образование за дечињата со потешкотии. Но, велат уште треба да се работи на подигање на јавната свест. Од здруженијата се надеваат и дека министерството и општините, ќе ја преземат обврската за стипендирање на учениците со попреченост.

Основното училиште „Бајрам Шабани“ од Куманово доби сензорна соба за ученици со образовни потешкотии. Инвестицијата е во рамки на проектот „Биди ин, Биди Инклузивен, биди Инклудиран“, финансиран од Европската унија, а го спроведува Фондацијата „Чекор по чекор“, Здружението „Инклузива“ и „Хендимак“. Досега низ државата се отворени дванаесет сензорни соби во училиштата, неколку инклузивни игралишна и сензорна градина. 

„Покрај стипендиите во овој проект опремуваме и сензорни соби за да покажеме еден модел на училница каде децата ќе можат да ги развиваат своите потенцијали“, вели Сузана Киранџиска, извршна директорка на Фондација „Чекор по чекор“.

Мал број училишта во државата претходно располагале со сензорни соби. Повеќето велат од здруженијата, биле импровизирани. Преку проектот обезбедени се и аудитивни, визуелни и тактилни реквизити со кои можат да работат сите дечиња.

„Ќе работиме на подигање на јавната свест, ова е право и не можеме да чекаме со децении да се обучуваат, исто така има поддршка од образовни асистенти, но и скоро секое училиште има специјални едукатори и рехабилитатори кои помагаат при изготвување на програмата, планот, но и по потреба да работат со дечињата“, истакна Благица Димитровска, претседателка на Здружение „Инклузива“.

Проектот се реализира во соработка со Министерството за образование и наука. 

„Претходната година во образовниот процес се вклучени 450 образовни асистени, сега се уште 250. Во тек е подоготовка и на законот за средното образование“, дополни Лулзим Алиу, заменик министер за образование и наука.

Во рамки на проектот кој ќе се спроведува до август наредната година, се доделуваат и стипендии за учениците со попреченост. Од здруженијата се надеваат дека стипендирањетo подоцна ќе го преземат министерството и општините.

 

Елена Георгиевска