Обединето кралство

Прво обраќање на кралот Чарлс Трети во Вестминстер

12.09.2022 16:12

Кралот Чарлс Трети со прво обраќање како монарх во Вестминстер на специјалната седница на која пратениците и оддаваат почит на Елизабета Втора. Според него, парламентот е жив инструмент на демократијата во Обединетото кралство. Наведе дека одлучно ќе го следи примерот на својата мајка...

Кралот Чарлс Трети во прва посета на Вестминстер како монарх на специјалната седница на која пратениците и оддаваат почит на неговата мајка, кралицата Елизабета втора. Во парламентот има и прво обраќање како крал.

„Длабоко сум благодарен за обраќањата на сочувство од Домот на лордовите и Долниот дом, кои толку трогателно го опфаќаат она што ни значеше мојата сакана мајка, кралицата. Како што вели Шекспир за претходната кралица Елизабета, таа била пример за сите принцови кои живееле. Не можам, а да не ја почувствувам тежината на историјата што не опкружува и која не потсетува на виталните парламентарни традиции на кои се посветуваат членовите на двата дома“, рече британскиот монарх, кралот Чарлс Трети.

Потоа заминува во Единбург, каде што е изложен ковчегот на упокоената кралица.

„Само сакав да бидам овде, само да оддадам почит. Не можам да верувам дека е мртва. Знам дека имаше 96 години. Но, едноставно не можам да верувам дека кралицата е мртва“.

„Таа значеше се. Како да им беше баба на сите. Беше прекрасна жена“.

Во главниот град на шкотска е закажана и аудиенција со премиерката Старџен и парламентарна седница. Граѓаните на шкотска ќе можат да се збогуваат со својата владетелка до утре попладне.

Голем број шефови на држави и влади од целиот свет, како и дел европски кралици и кралеви, се очекува да присуствуваат на државниот погреб на кралицата на Велика Британија, Елизабета Втора.

Кралицата Елизабета Втора ќе биде погребана на 19-ти септември.

Марина Ристова