Протестот на матичните лекари кој беше револт, вроди со плод
Протестот на матичните лекари кој всушност беше револт, но и потсетување во каква состојба се наоѓа примарното здравство, вроди со плод. Дел од лекарите се надеваат дека владиното укажување до Фондот за здравство за зголемување на капитацискиот бод и олеснителнителните бирократски процедури, ќе се реализира што поскоро. Но овие чекори според нив, нема да ги решат нивните проблеми...

Зголемувањето на капитацискиот бод е повеќе од неопходно, особено за амбулантите во руралните средини, кои без оваа финансиска инекција, тешко дека ќе опстанат, вели координаторката на матичните лекари Тетово.
Секој регион во државата се соочува со посебни проблеми, миграцијата ги празни амбулантите, а голем број доктори заминаа во пензија.
Преку тридневниот протест ги потсетивме институциите во каква состојба се наоѓа примарното здравство, кое нема да се опорави, само со зголемување на капитацискиот бод. Потребна е промена на моделот на функционирање, за кој се преговара со надлежните.
Во оптек е хрватскиот модел, со кој матичните лекари ќе добијат основна плата и мотив за работа преку вложен труд.
Матичните лекари минатата недела три дена протестираа. Освен зголемување на капитацискиот бод, бараа препишувањето на лекови да биде олеснето, во случај на пензионирање на првиот лекар, вториот тим да може да ја преземе ординацијата, како и препишување на повеќе анализи во лабораторија.
Зоран Димовски
