ракомет

Круната патува од Скопје за Битола

12.09.2022 19:50

Еурофарм Пелистер напредува на ракометниот фронт, вторпат едноподруго го освои Суперкупот, почувствува како е да се биде дел од завршниот турнир од СЕХА лигата, а се радуваше и на престижниот струшки турнир...

Во македонскиот ракомет, пак, има позитивен природен прираст. Клубовите повеќе никнуваат отколку што се расформираат, а тоа би требало да биде позитивен тренд иако не мора да значи. Промени годинава се навестуваат и на тронот, но и тоа е засега само впечаток, а никако правило.

Круната патува од Скопје за Битола. Еурофарм Пелистер напредува на ракометниот фронт, вторпат едноподруго го освои Суперкупот, почувствува како е да се биде дел од завршниот турнир од СЕХА лигата, а се радуваше и на престижниот струшки турнир. Навидум, тоа е доволно за да има помал коефициент од Вардар во обложувањето кој е поголем фаворит за шампионскиот трон во македонскиот ракомет. Сепак, како што вели народот „нивата за орање е долга“, па секој може да бара аргументи со коишто би ја потпрел својата прогноза за тоа кој од ривалите има поголеми шанси во трката за титулата.

Еурофарм Пелистер ги има резултатите на своја страна, доби нов тренер со доволно време, веројатно и финансии да го конципира тимот и да го подготви соодветно, а Вардар има искуство, што се покажа и на Суперкуп натпреварот во Охрид. Токму последните минути во коишто црвено-црните први имаа меч-топка, а потоа решаваа нијанси и поединечни потези, се доволно предупредување дека кога играат Вардар и Пелистер, без оглед на околностите, отворени се сите опции.