МВР уништи досега најголема количина на наркотични супстанции и дрога
Уништени околу десет тони различни видови на дрога. Вредност на црниот пазар би била 26 милиони евра – изјави министерот Спасовски. Според него оваа досега најголема количина на уништена дрога е резултат на бројните оперативни акции преземени од страна на МВР....

МВР уништи досега најголема количина на наркотични супстанции и дрога во печките на скопска железара. Околу 10 тони дрога запленета до август оваа година и по основ на правосилни судски одлуки по завршени кривични постапки и по судски решенија за нејзино уништување.
„Станува збор за уништени повеќе од 8,2 тона марихуана, потоа околу 100 килограми на хероин, хашиш и кокаин, над илјада растенија, семки од канабис, како и 1,2 милиони парчиња психотропни супстанции, што претставува најголемо уништено количество запленета дрога досега, која на црниот пазар би достигнала според проценките, некаде вкупна вредност од 26 милиони евра“, изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Уништувањето на 10-те тони дрога се резултат на бројните оперативни акции и континуирани активности во последните неколку години за спречување на нелегалната трговија со дрога.
Првиот човек на полицијата најави уништување на уште поголема количина на запленета дрога од почетокот на годинава до јули во вредност од 205,5 милиони евра од девет криминални групи и спречени седум меѓународни транспорти.
Ирина Гелевска
