Договорен прекин на огнот меѓу Азербејџан и Ерменија
По нов вооружен конфликт меѓу Ерменија и Азербејџан на заедничката граница, изутрината Баку и Ереван договорија прекин на огнот. Во вооружениот конфликт има загинати припадници на двете армии. Кавкаските држави меѓусебно се обвинуваат за насилството...

Баку и Ереван договориле прекин на огнот во најновиот конфликт во кој има и човечки жртви. Во текот на ноќта дошло до вооружени судири на ерменско-азербејџанската граница, а страните меѓусебно се обвинуваат за ескалацијата на состојбата.
Според Ереван азербејџанската армија ја гранатирала територијата на Ерменија со артилерија и беспилотни летала.
Баку, пак, објави дека ерменската војска пукала кон позициите на азербејџанските војници на границата, кога се случил судирот.
Министерството за надворешни работи на Азербејџан ја обвини Ерменија дека има намера да го наруши мировниот процес.
Двете страни пријавиле жртви меѓу припадниците на нивната армија. Ерменија соопшти дека најмалку 49 нејзини војници биле убиени во судирите долж границата.
Ерменскиот премиер Пашинјан телефонски разговарал со рускиот претседател Путин во врска со влошувањето на ситуацијата на границата со Азербејџан. Ерменската страна разговарала и со американскиот државен секретар Блинкен и со рускиот министер за надворешни работи Лавров.
Пашинјан го обвини Азербејџан дека ги напаѓа ерменските градови бидејќи не сака да преговара за статусот на Нагорно-Карабах, енклава која е во Азербејџан, главно населена со етнички Ерменци.
Ескалацијата на непријателствата меѓу земјите од јужен Кавказ ги поттикна стравувањата од втора целосна војна во постсоветскиот свет, покрај руската инвазија на Украина.
Марина Ристова
