Со дигитализација до поефикасна општинска администрација
Дигитализацијата е глобален процес кој придонесува за поефикасна работа во сите сфери на општеството. Поради тоа уште во 2019 година Центарот за социјални иновации „Блинк 42/41“ во соработка со општина Карпош, а со поддршка од Интернационалниот републикански институт ја развија дигиталната платформата „Ем-заедница“. Се работи за алатка која овозможува директна и двонасочна комуникација помеѓу граѓаните и локалните самоуправи за добивање на услуги по електронски пат со што се зголемува ефикасноста на администрациите. Во овој проект засега се вклучени десеттина општини...

Современото живеење ја наметна потребата од дигитализација на услугите коишто ги нудат општинските администрации на граѓаните со што ќе се избегнуваат турканиците пред шалтерите, а во истовреме се зголемува ефикасноста и транспарентноста во работењето. Тоа беше речено на денешната тркалезна маса во Охрид при што беше посочено дека на дигиталната платформа „Ем Заедница“ во изминатите три години се приклучија 10-тина локални самоуправи, со што на граѓаните им овозможиле директна двонасочна комуникација и добивање на електронски услуги од администрацијата.
„Апликацијата им овозможува на општините преку дигитализацијата на програмите за субвенција да ја зголемат партиципативност на граѓаните, да го олеснат начинот на кој граѓаните доаѓаат до локалните услуги така што покажува еден нов сосема позитивен правец кој може да биде прилагоден за сите општини во Македонија“, изјави Милан Танчески од Центар за социјални иновации „Блинк 42/41“.
„За корисноста од оваа алатка зборува нивото на активната транспарентност на општина Кочани која во континуитет од 5-6 години се подига на повисоко ниво. За споредба од 93,1 процентни поени за 2022 според Центарот за граѓански комуникации и нивните истражувања и проценки општина Кочани има активна транспарентност од 95,8 проценти и сме на високо 6-то место во државата или на прво место во источниот регион“, изјави Љупчо Папазов, градоначалник на Кочани.
Од наредната година преку апликацијата родителите ќе можат по електронски пат да ги запишат своите деца во градинките и основните училишта во општините кои се дел од овој проект.
„Она што ние го правиме по аналоген пат во училиштата кога ќе дојдат сето тоа ќе им биде овозможено од дома со неколку чекори. Тука би можеле да ги вметнат сите оние потребни документи коишто ги бараме при упис: извод на родени, документ од офталмолошки преглед, од вакцинален картон и слично. Меѓутоа сето тоа велиме нема да биде недостапно и во аналогниот процес“, изјави Виолета Ристовска-директор на ОУ „Блаже Конески“, општина Аеродром Скопје.
На овој начин ќе се добие и една голема збирка на податоци за училиштата и општините со што ќе се создаде статистика за сите ученици и нивниот статус со потребната документација, која ќе може да се препрати до сите релевантни институции на кои им се потребни тие податоци.
Сашо Нелоски
