Комисија за избори и именувања

Продолжи расправата за предлогот Јовески да биде уставен судија

13.09.2022 15:44

Продолжи комисиската расправа за предлогот на власта, јавниот обвинител Љубомир Јовески да биде уставен судија. Од ВМРО-ДПМНЕ прашаа со што заслужи Јовески да биде уставен судија. Претходно, одбиени сите предлози на опозицијата...

Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата ја продолжи расправата за предлогот јавниот обвинител Љубомир Јовески да биде уставен судија.

Пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ со остри критики за досегашната работа на државниот обвинител Јовески, кој според нив работел на прикривање на криминалот на владејачката гарнитура, а преземал неосновани обвиненија против политичките неистомисленици.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, како пример за несовесно и неодговорно работење на Јовески ги посочија истрагите за случаите со криминално дадените пасоши, за непостапување по сообраќајната несреќа на автобусот на „Беса Транс“ и за пожарот во модуларната болница во Тетово. Според нив, Јовески со непостапување или пак со неповедување обвиненија против функционерите од власта на СДСМ и ДУИ не е достоен да ја извршува функцијата уставен судија.

Љубомир Јовески е предложен од владејачките партии. Членовите на оваа Комисија дадоа поддршка на кандидатите за уставни судии Татјана Васиќ Бозаџиева и Фатмир Скендер.

Игор Панов