Партиите со реакции откако Џафери ја отфрли иницијативата за референдум
Претседателот на Собранието, Џафери, ја отфрли иницијативата за референдум поднесена од ВМРО-ДПМНЕ. Координаторот на пратеничката група на социјалдемократите Јован Митрески, со ист став како и спикерот. Толкување на Устав е работа единствено на Уставниот суд – ова е реакцијата на ВМРО ДПМНЕ...

Претседателот на Собранието, Џафери, ја отфрли иницијативата за референдум поднесена од ВМРО-ДПМНЕ. Како причина за својата одлука Џафери наведува дека иницијативата за задолжителниот референдум за престанок на важноста на законот за ратификација на Договорот со Бугарија не е во согласност со Уставот. Односно дека во член 118 од Уставот е утврдено дека Меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон се вели во писмениот одговор доставен до предлагачот – лидерот на ВМРО0-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Координаторот на пратеничката група на социјалдемократите Јован Митрески, со ист став како и спикерот.
„Очигледно е дека Мицкоски намерно ја има смислено и поднесено оваа иницијатива на правно неиздржан начин, спротивно на Уставот, за да го манипулира народот, свесен дека нема да успее, вели Митрески.
„Предлагач на оваа неуставна иницијатива пред граѓаните, е токму човекот и партијата која не гласаше против Договорот за добрососедство во Собранието. Затоа му текна после пет години да се обидува со измама да оспорува Договор кој патем придонесе за нашето членство во НАТО и за кој тој самиот рече на добар бугарски јазик дека – го цитирам – поткрепа сè што е добро за двете части“, рече Митрески.
Толкување на Устав е работа единствено на Уставниот суд – ова е реакцијата на ВМРО ДПМНЕ, по одбивањето на иницијативата од страна на претседателот на Собранието Џафери. Според партијата, Иницијативата е во согласност со чл. 24 од Законот за Референдум.
„Талат, наместо чувар на Уставот, стана шампион во кршење на Уставот. Нема друг случај во светот, каде претседател на Собрание толкува Устав, затоа што тоа е единствено во надлежност на Уставниот суд. Референдум за поништување на Законот за ратификација на Договорот со Бугарија е во согласност со чл. 24 од Законот за Референдум, и не е во спротивност со Уставот. Чл. 24 од Законот за Референдум овозможува да се прави Референдум и за меѓународни договори“, рече пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојановска.
Претходно лидерот на партијата, Мицкоски, истакна дека доколку Џафери ја одбие иницијативата, тоа ќе ги влоши односите меѓу власта и опозицијата
Марина С. Тонева
